Дописници Албански државјанин осомничен за кражбата во манастирот „Св. Богородица Пречиста“

Албански државјанин осомничен за кражбата во манастирот „Св. Богородица Пречиста“

Кичевската полиција поднела кривична против албанскиот државјанин А.Д. (38), осомничен за тешката кражба во манастирот „Св. Богородица Пречиста“, што се случи вчера утрото, соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Според Димоски, на осомничениот му е одреден 48-часовен притвор и е спроведен во затворот во Тетово.

Притворениот се товари дека на 11 декември провалил во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во близина на Кичево и украл три сребрени крста, кои датираат од почетокот на 19 век, еден манастирски печат и едно резбано ковчеже со мошти од света Параскева, предмети кои се дел од македонското културно-историско наследство.

Осомничениот странски државјанин бил приведен околу 3 часот, во близина на селото Брждани, на регионалниот пат Кичево – Битола, каде се обидел да побегне со своето воизло, марка „голф“, со албански регистарски ознаки.

Во врска со украдените предмети, од СВР Охрид велат дека тие сè уште не се пронајдени.

Против притворениот албански државјанин, полициската станица во Дебар во текот на март 2010 година поднела посебен извештај дека заедно со уште едно лице, сторил кривично дело шверцување икони и други предмети од културно наследство.

В.М.