Главна секција Ахмети: Треба да донесеме добро решение, наскоро ќе има конкретен резултат

Ахмети: Треба да донесеме добро решение, наскоро ќе има конкретен резултат

Треба да донесеме добро и здраво решение, а секоја брза реакција може да има фатални последици, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети по одбележувањето на 16-годишната од конфликтот во 2001 година.

Ахмети рече дека во партијата се прават сите анализи, но дека тие „не резултираат со некакви атомски бомби“, туку дека се работи за конкретни прашања кои се однесуваат на интересите на Албанците и нивниот правен и политички статус.

– Мислам дека секоја брза реакција може да има фатални последици. ДУИ никогаш не била субјект кој ги предизвикувал проблемите, туку напротив секогаш ги решавала. Мислам дека наскоро ќе има резултат и конкретен одговор. Треба да донесеме добра и здрава одлука – рече Ахмети.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска одговарајќи на новинарско прашање дали СДСМ добиле нацрт-закон за употреба на јазиците од страна на албанските партии рече дека „во оваа фаза зборуваме за мандат за состав на Влада“ и дека ниту се зборува за содржина, ниту за формата и видот на Владата. Тој рече дека кризата што ВМРО-ДПМНЕ сака да ја прикаже дека постои во земјава, е обид на Никола Груевски и на раководството на партијата да се спасат од нормални судења и од затворски казни.