Македонија Ахмети разговарал со Швајцер Блум и со Жбогар за формирањето на новата...

Ахмети разговарал со Швајцер Блум и со Жбогар за формирањето на новата влада

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска во амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, имал работна средба со заменик-амбасадорката на САД во земјава, Микаела Швајцер Блум и со амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар.

Како што соопштија од партијата, на средбата било разговарано за натамошните активности во однос на формирањето на новата влада. Ахмети пред Швајцер Блум и Жбогар го повторил ставот дека ДУИ целосно е посветена на спроведувањето на бараните реформи од страна на меѓународната заедница, интеграцијата во НАТО и во Европската Унија, добрите меѓуетнички односи, но и економскиот развој и отворањето на нови работни места.

„Првите чекори што ќе ги преземе новото парламентарно мнозинство се решавањето на застојот во локалната власт, како и укинувањето на екстерното тестирање, како две непосредни прашања“, истакнал Ахмети на средбата.

Тој нагласил дека во изминатите 16 години, колку што е активен во рамките на ДУИ, „никогаш немало разочарување во пријателските и добронамерните ставови на меѓународната заедница“ и во тој контекст побарал од САД и од ЕУ да помогнат за побрзо интегрирање на Македонија во НАТО и во Европската Унија.

Инаку, денеска во седиштето на СДСМ, се одржа првата средба меѓу лидерот на партијата и мандатар Зоран Заев со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во рамките на преговорите за состав на новата влада.