Главна секција Ахмети: Ние сме дел од мнозинството и нема да го прекршиме договорот

Ахмети: Ние сме дел од мнозинството и нема да го прекршиме договорот

Ние сме дел од мнозинството и нема да го прекршиме договорот, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и со тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, во Собранието.

– Ние ги дадовме нашите потписи за парламентарно мнозинствo и не планираме да ги прекршиме нашите ветувања – рече Ахмети, нагласувајќи дека треба да се внимава политичката криза да не прерасне во етничка криза.

Тој истакна оти се надева дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе ги надминат разликите и во интерес на државата ќе најдат решение за институциите да продолжат да функционираат.

– Ние не сме бунтовници да заземаме институции. Се надевам дека на мирен начин ќе се најде прифатливо решение – рече лидерот на ДУИ по средбата со Хан.

Претходно Хан и тројцата европратеници имаа средби со лидерите на Беса и на Алијанса за Албанците, Билал Касами и Зијадин Села.

На ред на агендата на Хан се средбите со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски, по што е највена заедничка изјава на еврокомесарот и тројцата европратеници.

Во моментов пред Собранието се одржува протест на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.