Македонија Адеми – Бејли: Комплексноста на ситуацијата бара брзо решение за излез од...

Адеми – Бејли: Комплексноста на ситуацијата бара брзо решение за излез од кризата

Комплексноста на ситуацијата во Македонија, во регионот и пошироко, во Европската Унија, налага земјава што побргу да најде излез од политичката криза, „користејќи ги расположливите политички и институционални капацитети, за враќање кон реформскиот курс“. Ова го истакнал вицепремиерот за европски прашања, Арбер Адеми, на денешната средба со амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.

Околу актуелната политичка состојба во земјава, Адеми нагласил дека Македонија останува на стратешката определба за членство во НАТО и во ЕУ.

„Нема и не размислуваме за друга алтернатива… Улогата на актуелното и на секое идно политичко лидерство е да работи на остварување на тие стратешки приоритети и да ја следи волјата на мнозинството граѓани“, рекол Адеми, стои во соопштението од неговиот кабинет за средбата со Бејли.

Вицепремиерот за европски прашања ја истакнал и важноста на САД како стратешки партнер на Република Македонија, нагласувајќи ја нивната поддршка од осамостојувањето до денеска, како еден од главните промотори за членството на земјава во евро-атлантските структури.

„Тој, исто така, се заблагодари за помошта што континуирано повеќе од 25 години ја добиваме преку УСАИД, за спроведување на клучните реформи во однос на демократизацијата на општеството, економскиот пораст и на подобрување на квалитетот на образованието“, се вели во соопштението.