Свет Европа Џонсон: Ја преминавме целната линија за Брекситот

Џонсон: Ја преминавме целната линија за Брекситот

Британскиот парламент вчера го усвои ЕУ-законот односно легислативата што го овозможува излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија. Премиерот Борис Џонсон претпоследниот потег од официјализирањето на раздружувањето на земјата од европското семејство го поздрави со зборовите „Ја преминавме целната линија за Брекситот“.

Документот кој беше усвоен синоќа ќе стане закон откако ќе го потпише кралицата Елизабета, што се очекува да се случи денеска.

– Обединетото Кралство сега може да тргне напред како едно и да остави зад себе години на расправии и поделби – рече Џонсон.

Законот е усвоен по три и пол годишна жестока дебата и политички маневрирања по референдумот во јуни 2016 година, кога 52 отсто од граѓаните се изјаснија за излегување од ЕУ.

Европскиот парламент на 29 јануари ќе дебатира за договорот за Брекситот, и се очекува ратификацијата да помине мазно и формално.

Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ на полноќ меѓу 31 јануари и 1 февруари, а потоа ќе следува период на транзиција, во кој ќе продолжи да ги спроведува законите на ЕУ, но нема да учествува или да гласа во институциите на 27-членото европско семејство.