Македонија ЗНМ, СЕММ и ССНМ: Владата со народни пари фаворизира одредени медиуми

ЗНМ, СЕММ и ССНМ: Владата со народни пари фаворизира одредени медиуми

фото: СЕММ, ССНМ, ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Сојузот за етика во медиумите (СЕММ) и Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) преку соопштение реагираа за присуството на новинари и медиумски работници од неколку приватни медиуми за време на посетата на македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски во Рим по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Според новинарските здруженија, за изборот на приватните медиуми што присуствуваа за да известуваат за настанот, нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети.

„Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми. Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба“, велат од ЗНМ, СЕММ и ССНМ.

Користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните. Од новинарските здруженија додаваат дека е потребно сите медиумите да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи.

„Оваа практика на Владата ја спроведе и Собранието кога пред две недели нетранспарентно и без критериуми избра приватен медиум за официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи“, велат од новинарските здруженија.