Македонија Железница набавува делови за да проработат возовите кон Битола

Железница набавува делови за да проработат возовите кон Битола

Со набавката на резервни делови и со сервисирањето на дизел моторот на еден од возовите треба наскоро да профункционираат сите патнички возови на релацијата Скопје-Битола-Скопје. Почнувајќи од крајот на октомври 2023 година, на оваа дестинација сообраќа единствено возот кој од Скопје поаѓа во 14:30 часот, додека од Битола поаѓа во 3:14 часот

Фото: Архива на „Мета“

За да профункционираат патничките возови кон Битола, прво треба да се поправат кинеските моторни возови кои беа набавени пред неколку години. Железници на РСМ-Транспорт објави тендер за набавка на резервни делови за дизел возовите од серијата 711, при што во постапката е планирана набавка на хидраулични амортизери, сензори за дизел мотори и други резервни делови кои се неопходни за поправка на возовите.

Тендерската постапка е објавена и на сајтот за јавни набавки на ЕУ, како и на Електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки. Целокупниот тендер за резервните делови е со проценета вредност од 12,5 милиони денари, а крајниот рок за доставување на понудите е до 26 јануари. Тендерската постапка предвидува постепено испорачување на неопходните резервни делови за дизел моторните возови за период од 24 часа.

Претходно, Железници на РСМ-Транспорт во октомври лани склучи и договор за ремонт на дизел мотор со МАН Импортер Македонија во висина од речиси 18,9 милиони денари, со кој треба да профункционира и еден од моторите на кинеските возови во сопственост на државната железница.

Со набавката на резервни делови и со сервисирањето на моторот на еден од возовите треба наскоро да профункционираат сите патнички возови на релацијата Скопје-Битола-Скопје. Почнувајќи од крајот на октомври 2023 година, на оваа дестинација сообраќа единствено возот кој од Скопје поаѓа во 14:30 часот, додека од Битола поаѓа во 3:14 часот.

Со актуелниот возен ред за 2024 година, на релацијата меѓу Скопје и Битола е предвидено сообраќањето на три возови дневно, и тоа со поаѓања на возовите од главниот град во 6:53, 14:30 и 20:05 часот. Од Битола за главниот град возовите треба да поаѓаат во 3:14, 12:47 и 18:23 часот, но во моментов во сообраќај има само по еден воз дневно меѓу овие два града.

Само осум воза предвидени со возниот ред за 2024, железницата во колапс [инфографик]