Македонија Жбогар: Јазикот на Конески и Матевски ќе биде официјален јазик на ЕУ

Жбогар: Јазикот на Конески и Матевски ќе биде официјален јазик на ЕУ

Нашата цел е да слушаме и да ги разбереме вашите грижи во врска со процесот на ЕУ. Сакаме да ги споделиме придобивките од тоа да се биде земја-членка, да се биде еднаков дел на поширокото семејство, а со тоа јазикот на Блаже Коневски, Матеја Матевски и Лидија Димковска, да стане официјален јазик на Европската унија преведен како никогаш порано. Да бидеме сведоци на посилен интерес на вашата култура, јазик и идентитет, што ќе резултира со зајакната самодоверба како нација, порача  евроамбасадорот Самуел Жбогар, на почетокот на кампањата за серијата дијалози со граѓаните „Замисли иднина заедно!“, што во следните неколку седмици ќе се спроведува во повеќе градови во земјава.

Тој истакна оти одлуката на граѓаните на претстојниот референдум ќе влијае врз иднината на земјата, како и на односите на Унијата со Македонија.

– Затоа во нашата кампања нема да зборуваме за договорот, тоа е нешто што мора да го одлучат самите граѓани, но во исто време сакаме да им претставиме на граѓаните што е ЕУ, како нашиот однос ќе се развива во иднина, колку сакаме да го видиме почетокот на преговорите и нашето партнерство да се развива напред и сето тоа да го презентираме на граѓаните – рече Жбогар.

Во рамките на кампањата „Замисли иднина заедно!“ Жбогар со неговиот тим во следните неколку седмици ќе посетат неколку општини низ земјава со што, рече, ќе ги доближат до македонските граѓани европските вредности и ќе слушнат директно од нив што се нивните грижи, што сакаат да се подобри во нивната општина, што сметаат дека ЕУ може да стори подобро за нив.