Македонија Заев се консултирал со Бејли за ОН, амбасадорот ги поздравил реформските напори

Заев се консултирал со Бејли за ОН, амбасадорот ги поздравил реформските напори

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со амбасадорот на САД, Џес Бејли, заради консултации во врска со претстојното 72. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), кое ќе се одржува во Њујорк од 17 до 23 септември. Притоа, како што соопшти Владата, амбасадорот на САД ги поздрави напорите на новиот кабинет и неговите постигнувања во сферата на надворешната политика.

„На средбата амбасадорот Бејли уште еднаш ги поздрави заложбите и напорите на новата реформска влада, како и успесите постигнати во првите 100 дена, особено на полето на надворешна политика. Тој ги изнесе позициите на Соединетите Aмерикански Држави во однос на Генералното собрание на ОН и нивните ставови за актуелните глобални прашања на безбедноста и за мирот во светот. Дополнително, амбасадорот Бејли ги посочи заедничките предизвици во поглед на борбата против радикализација на насилен ектремизам и тероризам, пролиферација на оружје за масовно уништување како закана за светската безбедност, потребата за заедничка акција за подобрување на човековите права и промоција на дијалогот како средство за разбирање и за соработка помеѓу нациите“, се вели во соопштението од македонската влада.

Заев се заблагодарил на честитките и на поддршката на САД и потврдил дека македонската влада „е цврсто посветена на стратешката цел за членство во ЕУ и во НАТО“, нагласувајќи дека позициите на меѓународната сцена ќе ги гради во блиска соработка со своите стратешки партнери и пријатели, стои во владиното соопштение.