Главна секција Заев попладнево ќе има одделни прес-конференции со Хан и со Столтенберг

Заев попладнево ќе има одделни прес-конференции со Хан и со Столтенберг

Премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, попладнево во 14.30 часот ќе имаат заедничка прес-конференција.

На прес-конференцијата ќе бидат соопштени детали од разговорите што Заев ги имал со Хан во однос на европската перспектива на Македонија, како и за можноста за отстранување на условеноста од препораката за членство на земјата во ЕУ. Се очекува Заев да открие детали и за неговите разговори со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, како и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

По средбата со високите претставници на Европската Унија, Заев и владината делегација ќе имаат средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што, исто така, ќе одржат заедничка прес-конференција во 16.15 часот.

Заев во Брисел е придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Целта на посетата е да се потврди посветеноста на новата Влада на евроатлантските интеграции.