Македонија Заев побара од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да се однесува одговорно...

Заев побара од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да се однесува одговорно во однос на отворените прашања со Бугарија

Откако вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во ТВ гостување изјави дека министерот за надворешни работи Бујар Османи од неговата бугарска колешка Екатерина Захариева добил ултиматум Северна Македонија да направи уставни измени, односно да се потпише договор меѓу земјава и Бугарија многу сличен на Преспанскиот договор со кој ќе се удоволи на бугарските претензии, премиерот Зоран Заев упати порака до Мицкоски да не се однесува неодговорно и да им остави шанса на преговорите меѓу двете земји.

-Сакаме да им дадеме шанса на разговорите со Бугарија. Не знам на што мисли Мицкоски, но ние имаме разговори, тие се дел и пишани материјали. Јас не би ги коментирал изјавите на Мицкоски, затоа што сѐ што видовме од него е едно неодговорно однесување. Ние сме одговорни, сакаме договори, сакаме земјата да ни оди напред и верувам дека даваме максимални напори, позитивни аспирации, внимание и пријателство, за да ги постигнеме договорите и, секако, она што е најважно за нас, да ги заштитиме нашите интереси, но водејќи грижа и за интересите на бугарската страна – рече денеска премиерот Зоран Заев.

Инаку, во неделата, на пуштањето на новиот далновод кај Пробиштип, премиерот Заев рече дека Предлозите од бугарска страна по средбите во петокот во Софија на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, „ниту се добрососедство, ниту братско, најмалку европско“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој во петокот беше во посета на Софија, по „Објаснувачкиот меморандум“ од Бугарија за нејзините гледишта за македонската историја, денеска исто така порача дека односите со соседите не се регулираат со шпекулации и тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата, коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева предложила редефинирање на македонската нација, преку нов договор, сличен на договорот со Грција, кој би повлекол и и уставни измени.