Предлозите од бугарска страна по средбите во петокот во Софија на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, според премиерот Зоран Заев, „ниту се добрососедство, ниту братско, најмалку европско“. Оваа оценка, која Заев ја изнесе по церемонијата на пуштање во работа на далноводот Неокази – Пробиштип, особено се однесува на разговорите на Османи со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, кои премиерот ги оцени како „не баш добри“.
-И ако тоа така остане, треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември. Но, јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме сè во овие претстојни денови да изнајдеме решение. Ја прифативме заедничката историја и општата историја, како што ја викаат во пријателска Бугарија, како нешто што е составен дел од нашето минато. Имаме своја посебна историја – и македонскиот народ и Република Северна Македонија и бугарскиот народ или Република Бугарија – изјави Заев.
Тој искажа увереност дека заедно со бугарскиот премиер Борисов ќе изнајдат решение за проблемите за земјата да продолжи по европскиот пат.
– Решивме пет историски личности и постојат записници за нивно заедничко чествување и три историски периоди и постојат записници за нивно заедничко чествување. Верувам и овој следен, четврти, ќе го решиме. Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак Гоце Делчев за да не сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат. Затоа што нашиот сон е Европа која што го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци коишто зборуваме македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и кај нашите соседи – кажа Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Уверен е, вели тој, дека поддршка за решавање на отворените прашања ќе дадат и претседателите на двете држави.
Во однос на очекувањата на решение за продолжување на работата на Парламентот во ситуација кога двајца пратеници од владејачкото мнозинство се позитивни на ковид -19, премиерот Заев оцени дека Собранието може да почне ра работи онлајн, како што и владата својата наредна седница ќе ја одржи на дачечина.
– Верувам дека Парламентот веднаш ќе помине на онлајн опција доколку пратениците така се договорат, согласно Деловникот. Владата наредната седница во вторник ќе ја има онлајн. Ние немаме сè уште лице со симптоми или заразено, но по препорака на министерот Венко Филипче и Комисијата за здравствена заштита ни беше укажано дека согласно бројките треба да се подготвиме за онлајн владини седници. Верувам дека и Парламентот ќе биде многу разумен и ќе ја воспостави онлајн работата затоа што тоа го направија, колку што гледам, речиси сите парламенти и во регионот и во Европа – изјави премиерот Зоран Заев.