Главна секција Заев не очекува Грција да ја попречи екстрадицијата на Грујовски и на...

Заев не очекува Грција да ја попречи екстрадицијата на Грујовски и на Бошкоски

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не очекува Грција од политички причини да ја попречи екстрадицијата на Горан Грујовски и на Никола Бошкоски, за кои е распишана меѓународна потерница и кои Специјалното јавно обвинителство ги обвини за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев истакна дека Македонија има воспоставено соработка со Грција и дека очекува да биде испочитувано меѓународното право, односно поранешниот началник на петтата управа во МВР, Грујевски, и неговиот колега Бошкоски, да бидат екстрадирани.

– Не очекувам да се јави политичка причина за да се спроведе меѓународното право. Македонија има склучено вакви договори со Грција. И во минатото, со претходната власт, Македонија немаше проблем во сите други аспекти, освен проблемот со името. Навистина имаме соработка со Грција од секој можен аспект. Министерствата за внатрешни работи и за правда соработуваат и, верувам, ќе покажат соработка на дело, бидејќи тие се надлежни. Искрено, не очекувам потреба од каква било политичка интервенција затоа што се работи за две соседни земји кои се пријатели. Опстојува еден горлив политички проблем, кој, верувам, во периодот пред нас ќе го решиме заедно – изјави Заев.

Грујовски и Бошкоски минатата недела беа уапсени на солунскиот аеродром, откако се обиделе со фалсификувани бугарски пасоши да заминат за Унгарија.