Македонија Заев на средбата со Ји: Сите да ги поддржат демократските процеси за...

Заев на средбата со Ји: Сите да ги поддржат демократските процеси за новата влада!

Изразена е поддршка за демократските процеси во Република Македонија, кои по веродостојните избори продолжија со избор на нов собраниски претседател од редовите на парламентарното мнозинство, а ќе резултираат со избор на нова влада во Македонија, вели СДСМ во соопштението со кое извести за денешната средба на претседателот на партијата, Зоран Заев, заменик-претседателката, Радмила Шекеринска, и генералниот секретар, Оливер Спасовски, со заменикот-помошникот државен секретар на САД за Европа и за Евроазија, Хојт Брајан Ји, и со амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

„Новиот претседател на Собранието е избран законски и легитимно, во согласност со деловникот, законите и со Уставот. Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска влада“ порачал Заев, се вели  од соопштението на СДСМ.

Претседателот на партијата најавил пред дипломатите на САД „дека Ѓорге Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од претседателот на државата да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање влада“.

„Исто така, постои и програма на новата реформска влада, која гарантира унитарност на државата, почитување на Уставот, евроатлански перспективи на Македонија, што уште еднаш ќе му биде предочена иако е позната за целата домашна и меѓународна јавност. Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со кои тој го условува давањето на мандатот. Парламентарното мнозинство има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани, изразена на изборите и таа обврска ќе ја исполни“, рекол Заев, според соопштението од СДСМ.

Партискиот претседател порачал дека идната влада е подготвена да соработува со идната опозиција во интерес на реформските процеси, „но дека во овој момент е најважно ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека е опозиција и да ги прекине тензиите“.

На средбата било  заеднички осудено насилството во парламентот кога беа повредени пратеници, новинари, вработени во парламентот и е констатирана потребата од разум кај сите, за овозможување мирен трансфер на власта.