Македонија Заев ќе оди во Виена само ако се повлечат аболицијата и датумот...

Заев ќе оди во Виена само ако се повлечат аболицијата и датумот за избори

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на прес-конференција соопшти дека ако не се исполнат два услови тој нема да оди на средбата во Виена што ја организира еврокомесарот Јоханес Хан в петок за да се најде решение за излез од политичката криза.

– Ја почитуваме иницијативата на европратениците и на комесарот Хан за средба за Договорот од Пржино во Виена. За СДСМ да учествува во Виена, неопходно е да се исполнат два услова. Прво, Иванов да ги повлече сите одлуки за аболиција што ги донесе и, второ, да се свика Собранието за да ја повлече одлуката за распишување избори на 5 јуни затоа што нема услови за тоа. Иванов, Груевски и Вељаноски ги урнаа сите услови потребни за одржување предвремени фер, демократски и веродостојни избори – истакна Заев на прес-конференцијата.

На средбата се поканети лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА, како и тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, како и амбасадорите на ЕУ и на САД во земјава, Аиво Орав и Џес Бејли.