Главна секција Заев и Вучиќ во „долг и отворен“ разговор се договориле за дијалог...

Заев и Вучиќ во „долг и отворен“ разговор се договориле за дијалог и соработка

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ разговарале „долго и отворено“, за време на денешниот телефонски разговор, во кој ги разгледале сите „новононастанати околности“ во односите меѓу двете земји,

Во заедничкото соопштение по разговорот, се наведува дека Заев и Вучиќ постигнале согласност околу пет точки.

Тие се договориле дека Македонија и Србија исклучиво преку дијалог ќе го решаваат секое евентуално несогласување во меѓусебните односи.

Понатаму, без оглед на сите политички разлики околу одредени важни политички и регионални прашања, Србија и Македонија заедно ќе се борат не само за зачувување, туку и за унапредување на пријателските односи меѓу српскиот и македонскиот народ и граѓаните на Србија и на Македонија.

Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за натамошно унапредување на економските односи и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

„Република Србија и Република Макединија, во склад со меѓународните јавно-правни прописи, со добра верба и на пријателска основа ќе ги штитат правата и интересите на дипломатско-конзуларните претставништа на својата територија“, се наведува во соопштението.

Петтата точка околу која се договориле Заев и Вучиќ е Македонија и Србија да ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво, да се поддржуваат една со друга на европскиот пат и со јакнење на добрососедските односи да придонесуваат за стабилноста на регионот.

Денешниот телефоснки разговор меѓу Заев и Вучиќ доаѓа по повлекувањето на целокупниот персонал на амбасадата на Србија во Македонија на итни консултации во Белград и дипломатските тензии што уследија откако српските власти обвинија за „многу офанзивни разузнавачки активности“ против Србија во Македонија.