Македонија Заев и Ахмети разговарале за „позициите на партиите“, без навлегување во детали

Заев и Ахмети разговарале за „позициите на партиите“, без навлегување во детали

Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, денеска имале средба на која, како што, соопштуваат од СДСМ, било разговарано за позициите на двете партии во постизборниот период, „без навлегување во детали или разговори за конкретни прашања“.

„Ова е прва средба на лидерско ниво помеѓу претседателот на СДСМ, Заев, и претседателот на ДУИ, Ахмети, по предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година. На средбата начелно се разговараше за позициите на двете страни кои ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања“, стои во соопштението од СДСМ.

Од партијата велат дека во периодот што следи можно е да има нови средби меѓу двете страни, за што јавноста ќе биде навремено информирана.

Средбата меѓу Заев и Ахмети доаѓа еден ден по разговорите што лидерот на ДУИ ги имаше со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при што, како што информираат од двете партии, акцентот бил ставен на две точки, односно на „анализа на резултатите од изборите одржани на 11 декември, кои беа оценети како слободни, фер и демократски, како и анализа на актуелната политичка состојба“.