Македонија Заев го посети Села во тетовската болница

Заев го посети Села во тетовската болница

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево го посети лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, кој по повредите што му беа нанесени во Собранието, сè уште закрепнува во Ургентниот центар при Клиничката болница во Тетово. По посетата, Заев изјави дека на Села му се подобрува состојбата и дека со него разговарал за идните чекори околу придвижувањето на политичките процеси во Македонија.

Заев изјави дека тој лично очекува претседателот Иванов да му го додели мандатот за составување нова влада во рок од десет дена.

– Писмото за доделување на мандатот до претседателот Иванов веќе е стигнато. Најверојатно наредната седмица, заедно со лидерите на политичките партии кои се дел од новото парламентарно мнозинство, ќе одиме кај Иванов и очекувам дека тој ќе го додели мандатот, а за возврат, како што бараше тој, ќе му ја гарантираме уставноста, правната држава, унитарноста. Тоа се работите што го загрижуваа Иванов, а беа поврзани со платформата на Албанците, иако за мене оваа загриженост беше неразумна – рече Заев.

Лидерот на СДСМ не прецизираше кога Собранието ќе продолжи да заседава и рече дека новиот спикер, Талат Џафери, најпрвин треба да увиди дали највисокиот законодавен дом ги исполнува условите за одржување седници.

– Собранието ќе почне да заседава откако новиот спикер, Талат Џафери, ќе изврши скенирање на функционалноста на Собранието, кое мора што поскоро да почне со работа, каде ќе се избира новата влада и каде ќе треба да се одложат и да се закажат локалните избори – изјави Заев.

На медиумите не им беше дозволено да присуствуваат на средбата во тетовската болница.