Македонија Заев ги повика на средба активистите на „Да ја спасиме Попова Шапка“

Заев ги повика на средба активистите на „Да ја спасиме Попова Шапка“

Владата, односно премиерот Зоран Заев, ја повика Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ да се сретнат и да разговараат за барањата на граѓанските активисти, јави „Порталб.мк“.

Од владата потврдиле дека Заев побарал средба со претставници на иницијативата, а за времето кога таа ќе се одржи, ќе се знае наскоро.

И „Да ја спасиме Попова Шапка“  потврди дека ќе има средба, но нагласија дека имаат битен предуслов.

– По сите повици и протести, премиерот Зоран Заев на крајот побара да се седне на маса. Но првиот услов што ќе го изнесеме на маса е: ЕЛЕМ не смее да управува со Попова Шапка – велат од иницијативата.

Активистите велат дека овој повик за средба од Заев е резултат на вчерашниот притисок, кога го блокираа патот. Според нив, средбата со Заев ќе почне во Скопје, а потоа ќе се упатат на Попова Шапка, за директно да го запознаат со ситуацијата.

Проблемите на овој зимски центар се многубројни: недоволно инвестиции, нема жичница, нема доволно паркинг места, нерегулирана инфраструктура и нерешен проблем со собирањето на сметот и чистењето.