Главна секција Заев – Ескобар: Партнерството со САД и членството на земјата во ЕУ...

Заев – Ескобар: Партнерството со САД и членството на земјата во ЕУ се многу важни

По средбата со претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар се сретна и со премиерот Зоран Заев.

„На денешната средба го информирав за актуелната политичка состојба во земјава и дека обезбедивме стабилен континуитет на стратешките политички определби – процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, забрзување на интеграцијата во ЕУ, справување со пандемијата и со енергетската криза, како и економскиот раст“, соопшти кабинетот на премиерот Заев.

Ескобар, кој денес е во првата работна посета на Северна Македонија, беше придружуван од амбасадорката Кејт Мари Брнз. Тој истакна дека неговата посета на земјата има за цел да ја нагласи поддршката на САД токму за овие прашања, како и за партнерскиот пристап што Република Северна Македонија го покажува со прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за активната улога за суштинско интензивирање на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“.

На средбата Ескобар истакна дека САД нуди целосна поддршка за изнаоѓање на заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија заради фактот што иднината на Северна Македонија е во ЕУ како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји кое што е во постојан развој.