Македонија Заев до ракометарите: Вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи...

Заев до ракометарите: Вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на „Вардар“ кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и со претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Тој, од името на Владата, им врачи плакета за благодарност.

„Вашиот успех е амбасадорска промоција на Македонија, не само во Европа, туку и во светот. Исто така, вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот“, рече во обраќањето до ракометарите премиерот Заев.

Тој најави можности за практично инвестирање во спортот, преку ваучери што ќе ги издава Министерството за финансии на спортските клубови, законска поддршка на спортот како професија, со што ќе се овозможи пензиско и здравствено осигурување на спортистите и посветеност на новата Влада да го обезбеди заслуженото достоинство на спортот во Македонија.

На средбата биле отворени некои проблеми со кои се соочуваат спортските клубови, во делот на финансирањето и на условите за работа и беше разговарано за начините за нивно решавање.

Ракометарите, сопственикот на ракометниот клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на Заев му подариле еден од шампионските златни медали добиени од Лигата на шампиони, како и дрес на „Вардар“ на кој е испишано името на премиерот.