Македонија Забрчанец: Владата најтранспарентна во регионот како резултат на волјата за отчетност и...

Забрчанец: Владата најтранспарентна во регионот како резултат на волјата за отчетност и одговорно комуницирање

Фото: Влада на РСМ

Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата Марјан Забрчанец, преку видео-врска учествуваше на регионална конференција посветена на отвореноста на извршните институции во регионот, што денеска се одржа во Подгорица. За негувањето на принципите на транспарентност и отчетност на извршната власт говореа и претставници на владини институции и невладини организации од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.

„Во правец на застапеност на овие принципи во регионот Регионалната мрежа на НВО „Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“ (ACTION SEE), подготви проценка на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на држави од Западен Балкан, според која Северна Македонија е прва, па следат БиХ, Црна Гора и Србија. Според досегашните мерења и критериуми на отвореност, како најотворена според нивото на отвореност и транспарентност во регионот е рангирана Владата на Република Северна Македонија која исполнува дури 83.4 проценти од критериумите,“ се вели во соопштението.

Забрчанец говореше во рамки на панелот „Отвореност на извршната власт на Западен Балкан и Црна Гора“.

„Горди сме што повторно сме на прво место по отвореност и транспарентност во регионот. Да се биде на последно место во 2016 година, да се стигне до првото место и да се задржи првото место три години по ред, значи волја, одлучност, посветена работа и одговорност. Оваа Влада покажа високо ниво на политичка волја да ги отвори институциите. Воспоставуваме правила и стандарди со цел транспарентноста понатаму да не зависи од политичката волја и од тоа кој е на власт, туку да стане востановена пракса која е задолжителна за секоја институција. Со креирањето и усвојувањето на Стратегијата, Владата покажа сериозна намера отвореноста да ја инсталира како системско решение во сите институции”, истакна Забрчанец.

Тој укажа и на алатките за обезбедување отвореност и транспарентност на Владата и во време на ковид-кризата кога беа отворени веб-страни со едукација за мерките за заштита, дневни статистики, како и за јавните набавки поврзани со пандемијата.

„Во ковид-времето ја подобривме дигиталната комуникација, а и по завршувањето на пандемијата ќе продолжиме да ги користиме овие алатки. Ние сме прва Влада во регионот, а можеби и во Европа која воведе прес-конференции преку онлајн видео врски, во која можат да учествуваат сите регистрирани и акредитирани новинари и директно да поставуваат прашања. На овој начин и на новинарите од медиумите од внатрешноста им овозможивме директна комуникација со Владата“, нагласи Забрчанец.

Националниот координатор за стратегиски комуникации Забрчанец потенцираше дека одговорно владеење значи постојано унапредување на отвореноста и отчетноста на институциите и со тоа кај демократските власти не смее да има компромис.

„Негувањето на принципот на транспарентност е прашање на одговорност на Владата. Ако сакате власт по секоја цена – ќе ги криете информациите, но ако сакате да работите во правец на унапредување на својата земја, ќе бидете транспарентни,“ рече Забрчанец.