Македонија Забранета музика во живо, нема стоење на шанк, а на маса може...

Забранета музика во живо, нема стоење на шанк, а на маса може да седат максимум 4 лица

Фото: Арбнора Мемети

Забрането е гостување на пејачи, музички групи или диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели или мотели). Ова е една од рестриктивните мерки кои Владата ги прифати викендов, а претходно беа препорачани од Комисијата за заразни болести.

Со новите мерки во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, како и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица, а исто така се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.

Од Владата информираат дека е прифатен предлогот строго да се забрани послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси како во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, така и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите.

Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.

Викендов, Државниот пазарен инспекторат спроведе над 100 контроли во угостителски објекти, а воедно приведено е одговорно лице за непочитување на здравствените протоколи.