Свет Балкан Вучиќ ја обвини косовската полиција дека пукала во демонстрантите во Звечан

Вучиќ ја обвини косовската полиција дека пукала во демонстрантите во Звечан

Вучиќ ја изнесе своја верзија за случувањата на Северот на Косово и денешните судири меѓу КФОР и Србите

Александар Вучиќ | Фото: Принскрин од видео на Фејсбук страната facebook.com/vucicaleksandar

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја обвини косовската специјална полиција дека пукала со боева муниција во насобраните граѓани во општина Звечан на Северот на Косово, при што, според Вучиќ, ранет е извесен Драгиша Гаљак, објави N1.

Вучиќ ја изнесе своја верзија за случувањата велејќи дека по преговорите со КФОР што ги одржале претставниците на „Српската листа“, тие предложиле КФОР да ги замени припадниците на косовската полиција, градоначалниците да се повлечат а КФОР да остане во општинските згради.

„На нашите Срби не им пречеше КФОР, туку специјалците на Курти и лажните градоначалници. Командантот на КФОР за источниот регион рече дека ги разбира барањата и ќе ги пренесе. Тие условија да се дозволи да поминат две возила на косовската полиција, а Србите не се согласија на тоа. И тогаш Кфор тргна во акција. Игор Симиќ и Горан Ракиќ беа во првиот ред, почнаа да ги удираат, а Драгиша Миловиќ се здоби со тешки повреди. Потоа станаа, ги удираа и клоцаа, се обидоа да го вовлечат Симиќ, Србите едвај го разделија. Почнуваат да фрлаат шок бомби врз народот, некои се кријат, а некои ја прифаќаат тепачката со тупаници. Припадник на косовската полиција со калашников во рацете клекнува на земја и испукува неколку куршуми во правец на Србите кои се повлекуваат, погодувајќи го Драгиша Гаљак одзади во карлицата, стомакот и раката, два куршуми го погодиле. Тогаш Србите одговараат со камења и на сите други начини“, објаснува претседателот на Србија.

Според Вучиќ, уапсени се четири лица, повредени се 41 припадник на КФОР, главно Унгарци и Италијанци, тројца се тешко ранети.

КФОР и српското население се судрија денеска пред општината Звечан откако новите градоначалници во петокот влегоа во општинските згради во четири општини на Северот на Косово. Тие тоа го сторија истиот ден кога српскиот претседател Александар Вучиќ организираше контрапротест во Белград како реакција на големите протести на опозицијата наречени „Србија против насилството“.

Судири меѓу српското население и КФОР на Северот на Косово, над 50 повредени