Македонија Врховниот суд ги потврди пресудите за случајот „Тенк“ за Груевски, Јанкуловска и...

Врховниот суд ги потврди пресудите за случајот „Тенк“ за Груевски, Јанкуловска и Поповски

Фото: Арбнора Мемети

Врховниот суд денеска соопшти дека ги отфрлил жалбите од осудените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски во случајот „Тенк“ и ги потврдил изречените пресуди на Апелациониот суд. Ова практично значи дека поранешниот премиер Груевски, ексминистерката за внатрешни работи Јанкуловска и нејзиниот заменик Поповски треба да одат во затвор.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година одлучи по предметите по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје“, се вели во соопштението на Врховниот суд.

Никола Груевски беше осуден на две години затвор за примање награда за противзаконито влијание за набавката на луксузниот автомобил „мерцедес“, додека Гордана Јанкуловска беше осудена на четири години затвор поради тоа што со умисла го поттикнала нејзиниот заменик Ѓоко Поповски да стори кривично дело „злоупотреба на службената должност“. Ѓоко Поповски со пресудата на Апелациониот суд веќе ја издржува досудената затворска казна од четири години и шест месеци.