Македонија Врховен суд го потврди притворот за Грујовски и за Бошковски, Јакимовски останува...

Врховен суд го потврди притворот за Грујовски и за Бошковски, Јакимовски останува без пасош

Врховниот суд денеска ја одбил жалбата на бранителите  на поранешниот началник на петтата управа во МРВ, Горан Грујовски, и на неговиот соработник Никола Бошковски и ги потврдил решенијата од Апелацискиот суд Скопје за притвор од 30 дена за обајцата, се вели во соопштението.

Петчлениот совет на Врховниот суд истовремено ја уважил жалбата на бранителите на обвинетиот Тони Јакимовски, поранешен функционер во УБК, и ја преиначил одлуката за притвор што ја донесе Апелацискиот суд, а наместо неа му одредил мерки на претпазливост, како што беше првичната одлуката на Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1. Јакимовски ќе мора на одреден период да се јавува во Кривичниот суд, а одземени му се и пасошите – и обичниот и дипломатскиот – и изречена е забрана за издавање други патни исправи.

Сите тројца се обвинети од СЈО во предметите „Тврдина“ и „Таргет“, кои се споија, за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало. Грујовски е првообвинет, а Бошковски, според обвинението, е извршителот на наредбите.