Главна секција Вонредна лидерска средба пред објавувањето на оцената за условите за избори

Вонредна лидерска средба пред објавувањето на оцената за условите за избори

Лидерите на политички партии потписнички на Договорот од Пржино, во моментов се во Клубот на пратеници каде од 15 часот е закажана вонредна лидерска средба.

На средбата, од засега непознати причини, не е присутен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, додека претседателите на СДСМ, ДУИ и на ДПА се во Клубот на пратеници, каде повеќе од еден час трае состанокот.

На него, претставници на Европската унија (ЕУ) и на Соединетите Американски Држави (САД) треба да им го презентираат на партиските лидери извештајот за тоа дали се исполнети условите за фер и веродостојни избори на 24 април.

На лидерската средба ѝ претходеше презакажување на терминот во кој амбасадорите на ЕУ и на САД треба да ја соопштат оцената за условите за изборите.

Наместо во 14.30 часот, како што првично беше најавено, поради лидерската средба изјавата на амбасадорите е закажана по средбата во Клубот на пратеници.

Засега не се знае на чие барање е свикана вонредната лидерска средба. На неа, според порталот „Нова ТВ“, присутен е амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.

Денеска на прес-конференција, пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, одговарајќи на новинарско прашање дали е можно поместување на датумот за избори и што ако извештајот на меѓународните посредници за Договорот од Пржино биде негативен, рече дека нема ниту еден сериозен момент кој укажува на тоа дека избирачкиот список не може да биде прочистен навреме.