Подглавна секција Војската ја презеде контролата во Зимбабве, Мугабе и семејството во притвор

Војската ја презеде контролата во Зимбабве, Мугабе и семејството во притвор

Владејачката партија во Зимбабве – Зану ПФ преку „Твитер“ соопшти дека Емерсон Мнангагва е именуван за привремен претседател на оваа африканска држава и дека досегашниот претседател Роберт Мугабе и членови на неговото семејство се приведени, јавуваат светските медиуми.

Мнангагва претходно беше сменет од функцијата потпретседател на земјата поради „нелојалност“. Медиумите потсетуваат дека тој тогаш бил сменет на иницијатива на сопругата на Мугабе, Грејс Мугабе, пренесува „Би-би-си“.

Војската на Зимбабве, пред објавата на владејачката партија, го зазеде седиштето на државната телевизија, а силни експлозии и пукотници одекнувале ноќеска во главниот град на земјата, Хараре.

Офицери на војската на Зимбабве соопштија дека ноќеска интервенирале за да ги елиминираат „криминалците“ од опкружувањето на претседателот Мугабе, но демантирале дека се обиделе да извршат воен удар против шефот на државата, кој владее со Зимбабве 37 години.

Интервенцијата на војската доаѓа по отворените несогласувања помеѓу Мугабе и начачникот на генералштабот на војската по смената на Мнангагва од функцијата потпретседател. Мнангагва важеше за можен наследник на Мугабе.

Мугабе, кој е роден во 1924 година и беше дел од ослободувањето на Зимбабве од колонијалното владеење, стана премиер во 1980 година, функција која ја извршуваше до 1987 година од кога е претседател на државата.

Поради авторитарниот начин на владеење и одговорноста за состојбите во Зимбабве, Мугабе од 2002 година беше цел на санкции од Европската Унија и од САД.