Свет Европа Во падот на рускиот авион загинаа хористите од „Ансамбл Александров“

Во падот на рускиот авион загинаа хористите од „Ансамбл Александров“

Руското министерство за одбрана ја објави листата на патници на авионот „ту-154“ кој со 92 патници и членови на екипажот се урна во Црното Море откако од Сочи полета кон Сирија.

Во леталото имало 64 членови на официјалниот воен хор на руските вооружени сили „Ансамбл Александров“, кој требало во руската воена база Хмеимин да учествува во прославата за Нова година. Во авионот се наоѓала и извршната директорка на хуманитарниот фонд „Праведна помош“, Јелисавета Глинка.

Воените истражувачи на истражувачкиот комитет на Русија отворија кривична истрага, а портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, истакна дека претседателот на Русија, Владимир Путин, ги добил информациите за падот на авионот и дека е навремено брифиран за ситуацијата.

– Прерано е што било да се каже, претседателот чека сликата да биде целосна – рече Песков, кој додаде дека рускиот министер за одбрана, Серфеј Шојгу, е на постојана телефонска врска со Путин.

Засега е пронајдено тело на една од жртвите, како и документи на новинар од рускиот „Канал 1“.

Портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави дека во авионот имало осум членови на екипажот и 84 патници. Освен музичарите, помеѓу патниците имало војници и новинари.

Руската воена телевизија „Звезда“ соопшти дека помеѓу новинарите имало тројца нивни колеги, а дека тројца од новинарите се од „Канал 1“.