Македонија Во Охрид денеска се одржува самит на „Отворен Балкан“

Во Охрид денеска се одржува самит на „Отворен Балкан“

Фото: Влада на РСМ

Официјалниот дел од самитот на „Отворен Балкан“ ќе се одржи денеска во Охрид. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера вечерта заедно со своите колеги од Владата, во вилата „Билјана“ во Охрид ги пречека лидерите од регионот.

Во Охрид пристигнаа српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот и црногорскиот премиер Еди Рама и Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, кои заедно со Ковачевски имаа работна вечера.

„Ја нагласувам иднината, затоа што докажавме дека Отворен Балкан го става зад себе минатото. Наместо ѕидови како некогаш, Отворен Балкан гради мостови. Отвора нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества“, истакна Ковачевски во поздравниот говор пред почетокот на работната вечера со колегите од регионот.

Тој порача дека поканата за придружување кон иницијативата Отворен Балкан е отворена за сите земји од регионот.

„Вечерва со нас се Црна Гора и Босна и Херцеговина и се надевам дека оваа иницијатива ќе се проширува и понатаму“, истакна премиерот Ковачевски.

Поздравувајќи ги гостите, премиерот Ковачевски посака успешен и просперитетен самит со нови идеи за развој на регионот и за придобивки за сите граѓани.

Во фокус на денешниот самит ќе бидат прашања од областа на културата и туризмот.

Во текот на денешниот ден предвидени се официјални обраќања на лидерите на самитот, а видеообраќања треба да имаат и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

На овој самит на „Отворен Балкан“ предвидено е да бидат потпишани договор за соработка на Западен Балкан за меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областа на туризмот, културата и даночната администрација.