Дописници Во областа Гора невработени се 95 проценти од жителите

Во областа Гора невработени се 95 проценти од жителите

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана ја повика владата на Албанија итно да преземе соодветни мерки за подобрување на состојбата во областа Гора, истовремено искажувајќи ја својата загриженост за крајно неповолната положба на тамошните етнички Македонци.

– Сметаме дека досегашното однесување кон областа Горa и кон тамошното население значи кршење на основните човекови права според меѓународните конвенции. Потврда за ваквиот наш став е фактот дека во последните 25 години малку е инвестирано во селата во областа Гора, населена со македонско население. Патната инфраструктура која опфаќа девет села е во лоша состојба и срамно е во 21 век да има толку голема област каде сè уште нема асфалтирани патишта – соопштуваат од македонско друштво „Илинден“.

Оттаму сметаат дека слабиот економски развој на областа Гора ја зголемува сиромаштијата, така што 95 отсто од жителите се невработени. На овој начин, македонското население се иселува оттаму.

Посебен проблем, македонското национално малцинство има со снабдувањето со електрична енергија, бидејќи мрежата за нејзина дистрибуција е стара и покрај тоа што жителите редовно ја плаќаат електричната енергија.

– Во катастрофална состојба е и здравствената заштита. Имено, во времето на комунизмот имаше здравствен дом во секое село. Денес, по 25 години демократски развој, ваквите здравствени институции се бројат на прсти и се во лоша состојба. Дополнителен проблем за македонското малцинство во Албанија е фактот што децата не можат да го изучуваат мајчиниот јазик во училиштата, иако тоа е решено со меѓународните конвенции за човекови права. Поради сите овие егзистенционални проблеми на македонското малцинство, македонско друштво „Илинден“ од Тирана бараат од владата да преземе соодветни мерки за да се подобри ситуацијата – се вели во соопштението.