Македонија Во јавниот сектор бројот на вработени намален за 2.714 луѓе

Во јавниот сектор бројот на вработени намален за 2.714 луѓе

Бројот на вработени во јавниот сектор изнесува 129.374 лица, вработени во 1354 институции, информираше министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој денеска го презентираше Извештајот за вработените во јавниот сектор 2022

Фото: Image by 5317367 from Pixabay

Бројот на вработени во јавниот сектор изнесува 129.374 лица, вработени во 1.354 институции, информираше министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој денеска го презентираше Извештајот за вработените во јавниот сектор 2022.

Според извештајот, во земјава за разлика од лани, има пораст на бројот на институции за осум, а бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2.714 вработени.

Извештајот ги опфаќа вработените во државна власт, општините, јавните установи, јавните претпријатија итн.

Најмногу вработени, како што информираше Алиу, има во секторот образование, потоа следува здравство, управа и комунални работи.

Во органите на државната власт работат 14.531 луѓе, односно 13 проценти од вкупниот број вработени во јавниот сектор. Бројот на вработените во државната власт е намален за 771 лица, а во министерствата работат 302 лица помалку за разлика од 2021 година.

Околу 56 проценти од вработените во јавниот сектор се жени, а просечната возраст на вработените изнесува 46 години.

Алиу информираше и дека во 2022 година се бележи намалување на бројот на доктори на науки и магистри во државата, а над 55 проценти од вработените имаат завршено високо образование.

АНАЛИЗА: Етничката структура на администрацијата во 2022 година [инфографик]