Свет Европа Во Британија денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори

Во Британија денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори

Во Велика Британија денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори, на кои доминантна тема се Брексит и здравството.

Премиерката Тереза Меј ги распиша изборите за да го зајакне легитимитетот во преговорите со Европската Унија за излегувањето на Британија од ЕУ.

Меј и лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, вчера се вратија на клучните теми на изборите, бидејќи изминатите денови безбедноста беше доминантна тема на кампањата, особено по двата терористички напади.

Главната порака на премиерката на собирот во Лондон беше насочена на Брексит и ветувањето дека излегувањето од ЕУ ќе донесе повеќе работни места и подобра сообраќајна поврзаност.

Корбин на митингот во Глазгов предупреди дека националниот здравствен систем не може да издржи уште пет години недоволно финансирање, недостиг од работници и приватизација.

Според последните анкети, предноста на британската Конзервативна партија над лабуристите, е значително мала, односно во последниот месец варира меѓу еден и 12 отсто, пренесува „Би-би-си“.

Покрај конзервативците и лабуристите, на место во парламентот се надеваат и Зелената партија, Либералните демократи, Шкотската национална партија и Партијата за независна Велика Британија.