Македонија Внесувањето на етничката припадност во личните карти блокирано во Собранието, партиите тактизираат

Внесувањето на етничката припадност во личните карти блокирано во Собранието, партиите тактизираат

Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со мислење дека не гледаат проблем етничката припадност на граѓаните во иднина да биде впишана во личните карти. Христијан Мицкоски денеска изјави дека не гледа проблем во личните карти да стои и етничката определба.

Мицкоски додаде дека навистина не гледа што е тука спорно, ако во графата националност, стои неговата етничка припадност дека е Македонец, посочувајќи дека оваа опозициска партија ќе инсистира тоа да стои.

Со идентичен став, но повнимателен и повоздржан во изјавата, беше вчера и премиерот Зоран Заев, кој рече дека не гледа ништо спорно етничката определба да стои во идните лични карти.

„Државјанството е обврска согласно сите меѓународни стандарди. Ние со законот што го прифативме уште при уставните промени, а и сега стоиме зад него, даваме опција да се впише и етничка припадност. Опцијата да се впишеме како сме етнички припадници, значи покрај тоа што сме Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, да можеме да се пишеме етнички како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми или слично. Личната карта пред сè е документ за лична идентификација“, изјави премиерот Зоран Заев.

Инаку, внесувањето на етничката припадност во личната карта е барање на партијата БЕСА, кое беше услов за коалицирање со СДСМ пред изборите. Ова барање доби поддршка и од другите партии од албанскиот блок: ДУИ, Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Сепак, помалите политички партии од македонскиот блок имаат резерви кон ова законско решение. Комисиската расправа во Собранието за внесување на графата етничка припадност во личната карта неделава заврши пред да почне, бидејќи беше блокирана од партијата Левица, која поднесе над 1.200 амандмани.

И пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој е коалициски партнер на СДСМ и БЕСА, преку соопштение до медиумите се изјасни против впишување на етничката определба во идните лични карти, бидејќи тоа било спротивно на граѓанскиот концепт на државата.

Расправата во Собранието по ова прашање во моментов се наоѓа кај Комисијата за политички систем, а поднесените 1.200 амандмани на партијата Левица до следната седница треба да бидат преведени на албански јазик.