Македонија ВМРО-ДПМНЕ: За потребата од екстерно тестирање знаеја и СДСМ и ЛДП кога...

ВМРО-ДПМНЕ: За потребата од екстерно тестирање знаеја и СДСМ и ЛДП кога беа власт

Потребата за екстерно тестирање е препознаена уште во периодот кога СДСМ и ЛДП беа на власт, односно во рамките на Националната програма за развој на образованието во Република Македонија ‎2005-2015, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение на Либерално-демократската партија.

„Очигледно е дека за ЛДП, исто како и за СДСМ, воведувањето какви било реформи меѓу кои и образовните се неприфатливи, со оглед на тоа што во минатото, кога имале можност да управуваат со институциите, биле преокупирани само со криминалниот процес на приватизација“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека моделот на екстерно тестирање што се применува од оваа учебна година е значително унапреден „во согласност со конструктивните сугестии и предлози“, а меѓу новините е и тоа што оценките кои ќе ги добиваат учениците нема да влијаат на општиот успех.

„Тие, наместо во ученичкото свидетелство, ќе се впишуваат во негов додаток и ќе бидат еден од критериумите што ќе обезбедуваат предност при упис во средно училиште, односно на факултет, а учениците од четврто и од петто одделение нема да бидат дел од тестирањето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.