Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Со вработувањето на Командант Хоџа, Заев им попушта на насилниците

ВМРО-ДПМНЕ: Со вработувањето на Командант Хоџа, Заев им попушта на насилниците

Единствена референца на пријателот на Заев, Командантот Хоџа, е тоа што тој склучил политички договор со првиот човек на СДСМ да му го ослободи Танушевци, а за возврат на тоа да добие висока политичка функција во владата. Но, кој го држел Танушевци заробено и каде се оружјето и лицата кои биле подготвени да се спротивстават на македонската полиција? Каква порака испраќа Заев до сите идни криминалци и насилници кои планираат да се закануваат и уценуваат?, праша на прес-конференција денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека со вработувањето на Џезаир Шакири – Хоџа, како негов советник за внатрешна безбедност и борба против радикализам, Заев ги посрамотил и државата и македонскиот народ.

– Ова е големо понижување и за граѓаните и за државата, но и за полициските службеници кои ги имаат загубено животите во борбата против ваквите екстремисти. Владата не е приватна сопственост на Зоран Заев и криминалниот картел околу него. Договорот на Командант Хоџа мора да биде раскинат, а институциите мора да покажат храброст и волја да ги бранат интересите на државата. По признанието на Шаќири, мора да следи сериозна истрага и да се утврди кој се’ му помагал во заканите и со какво оружје се заканувал? – рече Стоилковски, предупредувајќи дека издавањето безбедносен сертификат од највисок степен за Командант Хоџа, надвор од процедурите е кривично дело.