Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Со разрешувањето професионалци, СДСМ ги партизира институциите

ВМРО-ДПМНЕ: Со разрешувањето професионалци, СДСМ ги партизира институциите

Не е првпат СДСМ да врши брутална партизација на институциите и политички да суспендира и да разрешува професионалци, обидувајќи се да си отвори простор за поставување партиски послушници, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, посветена на извештајот на работната група за настаните во Собранието на 27 април.

„Тоа што Оливер Спасовски денеска го презентираше е врв на лицемерството и на двојните аршини. Против полициските службеници кои не применија сила при демолирањето, палењето и ограбувањето на канцеларијата на претседателот на Република Македонија немаше никаква постапка. Против полициските службеници кои на 27 април постапија на истиот начин, сега се водат постапки“, се вели во реакцијата.

Од партијата наведуваат дека на физичкото насилство му претходело политичко насилство, поради што бараат одговорност и за таквото насилство.

„Јавното обвинителство не смее да подлегнува на притисоците и на заканите од СДС и мора да продолжи да постапува професионално, исклучиво во согласност со Уставот и со законите. Барањата на Заев за смена на републичкиот јавен обвинител се само со една единствена цел – прикривање на сопствениот криминал и инсталирање на послушник што ќе ги спроведува наредбите за политички прогон на неговите неистомисленици“, се вели во соопштението.