Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СЈО да работи законски, а не да се заканува на чесни...

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО да работи законски, а не да се заканува на чесни граѓани

Правото на протест е загарантирано со Уставот на Република Македонија, кој во членот 21 вели дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест, a заканите од страна на Специјалното јавно обвинителство упатени по одржаниот протест се уште еден чин кој се коси со највисокиот правен акт, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СЈО по повод предистражната постапка што ја води и денешниот протест на членови и на симпатизери на партијата во Охрид.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат  дека го разбираат и го поддржуваат револтот на „охриѓани против политичката хајка што по нарачка ја спроведува селективното јавно обвинителство“ и дека СЈО е „срам за правосудниот систем“.

„Повикувањето на околу 200 лица само поради тоа што се членови на една политичка партија не е ништо друго туку дискриминација по политичка и по идеолошка основа. СЈО аболира криминалци како Заев и Верушевски, а им се заканува на чесни луѓе чиј единствен грев е нивната политичко-идеолошка определба и тоа што одлучиле да донираат за сопствената партија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека СЈО мора да почне да работи законски, наместо да продолжува со заканите кон граѓаните.

„СЈО мора да истражи кој ја нарушува тајноста на истражната и на предистражната постапка, постојано лиферувајќи информации по порталите под контрола на СДСМ и на Сорос во врска со лицата кои се покануваат на распит. Ваквото непрофесионално и незаконско дејствување на СЈО не е ново. За нелегалните методи по кои работат, изнудите и за заканите веќе се поднесени десетици кривични пријави против одговорните во СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.