Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ во негово време не знаеше дека Кривогаштани и Секирарци постојат

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ во негово време не знаеше дека Кривогаштани и Секирарци постојат

Кога СДСМ раководеше со здравството, не знаеја да го покажат Кривогаштани на мапа, а Секирарци не знаеја дека воопшто постои, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Шилегов денеска го обвини ВМРО-ДПМНЕ и покажа документи од Владата, кои, како што тврди, покажуваат дека неколку барања за обнова на здравствени установи и за набавка на медицинска опрема биле одбиени со едно исто образложение – „да не се преземаат активности што создаваат нови финансиски обврски за буџетот“.

„Портпаролот на фабриката за афери, денеска се расфрлаше со документи за медицинските установи во Кривогаштани и во Секирарци… Во време на СДСМ поголема беше веројатноста да се пронајде живот во вселената, отколку здравствена установа во Кривогаштани и Секирарци. Граѓаните тоа добро го знаат. Граѓаните паметат и ценат, резултатот е видлив и погубен за ваквиот СДСМ веќе 11 години без отстапка. Граѓаните знаат дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе вети томографи во Штип, Велес и во Битола, томографи ќе има – и има, работат и им служат на здравјето на граѓаните. Граѓаните знаат дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе вети магнетна резонанца во Битола и во Штип, и тоа ќе го исполни. Шилегов може да помине и до „Св. Еразмо“ во Охрид за да види до каде е реконструкцијата, или во ПЕТ-центарот и во детската болница во Козле, во новата гинеколошка клиника, или во кој било од другите многубројни новоизградени или комплетно реновирани објекти во здравствената инфраструктура“, стои во реакцијата на владејачката партија.