Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ денеска призна дека буџетот не е празен

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ денеска призна дека буџетот не е празен

СДС денеска призна уште една своја голема лага со која ги манипулираше и ги плашеше граѓаните, дека во буџетот на Република Македонија немало пари и дека Македонија е пред економски колапс, стои во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на првата седница на новата влада предводена од премиерот Зоран Заев.

„Денеска, на своите фејсбук-профили, гордо, со исплатените субвенции за земјоделците, пензиите и за стипендиите на студентите се пофалија членови на Владата и на парламентарната група на СДС. Сите овие проекти ВМРО-ДПМНЕ ги третираше како проекти и реформи од највисок интерес“, стои во реакцијата и се додава дека владата на ВМРО-ДПМНЕ во буџетот оставила 180 милиони евра.

Од партијата наведуваат дека СДСМ со постизборна измама успеала да обезбеди мнозинска поддршка и дека граѓаните сега ќе чекаат да ги реализираат ветувањата.

„Граѓаните сега од нив очекуваат не само да се фалат со проектите почнати и реализирани од ВМРО-ДПМНЕ, туку да ги остварат ветувањата за изградба на нови 500 километри автопат, просечна плата во висина од 30.000 денари, 16.000 денари минимална плата и 100.000 денари плата за докторите“, се вели во реакцијата.