Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Конструкции и монтажи нема да го спасат Заев од самиот себе

ВМРО-ДПМНЕ: Конструкции и монтажи нема да го спасат Заев од самиот себе

„Зоран Заев е оптоварен со истражните постапки што се водат против него за криминално и незаконско однесување, па продолжува да одработува за туѓите интереси и се надева дека од ова каша во која сам влезе со противзаконски дејства, некој друг ќе го спасува“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на опозицијата, на која тој објави снимки од прислушувани разговори кои, како што рече, покажуваат како функционери од актуелната власта местеле судии и го урнисале правосудниот систем на државата.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека „конструкции и монтажи нема да го спасат Зоран Заев од самиот себе и од неговите криминали“.

„Сакаме да ја потсетиме јавноста на денот кога во Собранието на Република Македонија по партиски список од кадровските комисии на СДСМ беа избрани 617 судии и уште стотина јавни обвинители. Да потсетиме само на Ленче Софрониевска, фамилијата Медарски, мајката на Каролина Астеруд, Дане Илиев, Бранко Наумовски, Лилјана Ингилизова и уште многу други што беа избрани поради тоа што беа сопруги, деца, кумови, родители, бизнис-партнери и партиски членови на СДСМ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.