Македонија ВМРО-ДПМНЕ ќе ги тужи Шилегов и СДСМ поради кривичните пријави за министрите

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги тужи Шилегов и СДСМ поради кривичните пријави за министрите

ВМРО-ДПМНЕ попладнево најави дека против Петре Шилегов и СДСМ ќе поднесе кривична пријава за лажно пријавување, откако портпаролот на СДСМ објави дека партијата ќе поднесе кривични пријави против премиерот во оставка, Емил Димитриев, и против министрите во оставка Никола Попоски, Никола Тодоров и Елизабета Канческа-Милевска поради прекршување на Изборниот законик.

Партијата вели дека според Уставот, владата на која ѝ престанал мандатот поради распуштање на Собранието останува на власт до изборот на нова влада.

„СДСМ лаже и манипулира секогаш, а особено сега, во паника по изборниот пораз. Согласно членот 93, став 5 од Уставот на Република Македонија, постоечката влада на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова влада. Следствено на тоа, претседателот на владата и министрите кои се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија продолжуваат да ги извршуваат своите должности како членови на влада сè до избор на нова влада“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на Шилегов.