Македонија ВМРО-ДПМНЕ без најава за блокирање на раскрсници, ќе протестира пред Министерството за...

ВМРО-ДПМНЕ без најава за блокирање на раскрсници, ќе протестира пред Министерството за правда

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска нема најавено блокирање на раскрсници во Скопје, а протестот против притворањето на триесетина лица поради насилствата во Собранието од 27 април е закажан во 18 часот пред Министерството за правда.

Од партијата велат дека „Македонија е земја на политички затвореници, со монтирани обвиненија за тероризам“ и нагласуваат дека остануваат на улиците „се додека хунтата ги гази законите и се изживува со граѓаните“.

„Се притвораат уметници, актери, режисери, архитекти, припадници на полицијата, се притвораат луѓе кои дале и даваат свој придонес за општеството, само затоа што не се согласуваат со политиките на СДС. Судовите не одлучуваат согласно закон, туку по диктат, затоа се и смешните и апсурдни обвиненијата за тероризам против 36-те македонски патриоти“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата бараат безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон, итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС и итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон.