Дописници ВМРО-ДПМНЕ бара пониска цена за зонското паркирање во Тетово

ВМРО-ДПМНЕ бара пониска цена за зонското паркирање во Тетово

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Советот на Општина Тетово, побара измени и дополнувања на тарифникот за зонско паркирање, односно воведување месечен билет со пониска цена за станарите од околните згради за паркирање во зоната А.

На тој начин, според советниците од ВМРО-ДПМНЕ, би се решил проблемот со паркирањето на овие граѓани, затоа што со воведувањето на зонското, со кое се ограничува времетраењето на три часа, тие немаат каде да ги паркираат возилата, а предвидениот месечен билет за физички лица е прескап.

– Тие станари 50 години ги паркирале своите возила пред зградите, сега тоа право им е скратено. Затоа бараме начин да се реши нивниот проблем – изјави Ангел Карапетров, советник од ВМРО-ДПМНЕ

Според неговиот колега од редовите на ДПА, Дурим Љума, одлуката за зонското паркирање е веќе усвоена, а процедурата е завршена. Советничката група на ДУИ се спротистави на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Не може за некои возачи да важи една, а за други друга цена – изјави советникот од ДУИ, Бајрам Реџепи.

Зонското паркирање засега е воведено како пилот-проект во зоната А, односно во центарот на градот.

Од Јавното претпријатие „Градски паркинг“ најавија дека од наредниот месец зонското ќе почне да функционира како проект и ќе се наплаќа по 30 денари за еден час. Од претпријатието велат дека ќе го разгледаат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, на станарите што живеат во околните згради, каде е воведено зонското паркирање, да им овозможат паркирање со пониски цени.

З.Д.