Македонија Владата преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ ќе аплицира за...

Владата преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ ќе аплицира за нови грантови за пругата кон Бугарија

Фото: Бојан Блажевски

Од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) велат дека земјава до февруари 2021 година ќе аплицира за нови грантови на повикот на Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), меѓу кои и за железничкото поврзување со Бугарија, со што ќе се намали стапката на задолжување за овој капитален проект од инфраструктурата. Со ваквата иницијатива на македонската влада ќе бидат искористени можностите од Економско-инвестицискиот план, презентиран од еврокомесарот Вархеји во октомври годинава.

Инаку, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева кон средина на декември годинава во интервју за германскиот весник „Велт“ изјави дека македонските власти поради неподнесување на проекти до механизмите на ЕУ загубиле 130 милиони евра европско финансирање.

На истата тема со обвинување кон власта денеска излезе и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека администрацијата која ја менаџирал Заев била неспособна да ги искористи овие средства.

Идентично како и Захариева, од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека Владата и институциите не ни аплицирале за овие средства од 130 милиони евра од фондовите на ЕУ.

Од Секторот за европски прашања информираат дека финансирањето на проекти во секторот транспорт во ИПА 2 (2014 – 2020) се врши преку повеќегодишната програма во износ од 110 милиони евра за овој сектор и се спроведува преку децентрализиран начин на управување, што значи дека Северна Македонија директно располага со парите на европските даночни обврзници.

„Во овој износ програмирани се проекти во железничка и патна инфраструктура, за кои што во овој период не се загубени средства“, велат од СЕП.

Во однос на вториот механизам ВБИФ на ЕУ, покрај информацијата дека владата се подготвува за аплицирање за нови грантови, од СЕП велат дека за да се заокружи финансиската рамка за вакви капитални проекти, покрај добиените грантови од ВБИФ, мора да се обезбеди согласност за заем и од меѓународна финансиска институција.

„Заради одговорна фискална политика и задржување на степенот на задолженост во одржливи рамки, Министерството за финансии многу внимателно проценува за кои проекти ќе даде согласност за финансирање преку WBIF“, одговараат од СЕП.

Во однос на изјавата дека не се обезбедени средства за справување со социо-економските последици од пандемијата, од СЕП информираат дека за период од само еден месец, администрацијата координирана од СЕП успеала да репрограмира 50 милиони евра од Наградата за успешност на ЕУ за Република Северна Македонија за 2020 година.

Овие средства се искористиле за реализација на дел од 3-от пакет економски мерки на Владата, т.е. 30 милиони евра биле инјектирани како бескаматни кредити со грантова компонента за микро и мали претпријатија преку Македонската банка за поддршка на развојот, а 10 милиони евра за поддршка на активните мерки за вработување преку Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.​