Економија Владата планира да го зголеми капацитетот на охридскиот аеродром за нискобуџетни летови

Владата планира да го зголеми капацитетот на охридскиот аеродром за нискобуџетни летови

Зголемување на капацитетите на охридскиот аеродром и негово промовирање во аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат летови за поголем број дестинации, е една од заложбите на Владата за развој на воздушниот сообраќај во земјава.

Ова прашање денеска го отворил министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на средбата со претставници од нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, на која било разговарано за соработката меѓу Владата и авиокомпанијата околу поддршката и развојот на авиосообраќајот во Македонија.

– Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид е неискористен потенцијал и во таа насока ќе се обидеме да го раздвижиме авиосообраќајот и на тој аеродором и да обезбедиме што повеќе дестинации од страна на нискобуџетни компании. Тоа е и една од мерките предвидени во програмата на Владата на Република Македонија. Нашите заложби како Влада и понатаму се континуирано подобрување на авиосообраќајот во Република Македонија – рекол Сугарески на средбата со претставниците на „Виз ер“.

Тој истакнал дека Владата и Министерството за транспорт и врски кон сите авиокомпании што работат на македонскиот пазар, вклучувајќи ја и компанијата „Визер“, гледа како партнер во развој на авиосообраќајот во земјава.