Економија Владата одлучи цената за приватизација на градежното државно земјиште да ја зголеми...

Владата одлучи цената за приватизација на градежното државно земјиште да ја зголеми и до 30 пати

Фото: Архива на Мета.мк

Наместо по почетна цена од 61 денари за метар квадратен, приватизацијата на градежното државно земјиште кај комерцијалните градби ќе се одвива за 13.140 денари за метар квадратен, доколку се реализира во услови на стекнато корисничко право и се спроведува преку Управата за имотно-правни работи, одлучи владата на вчерашната седница на предлог на Министерството за финансии.

Од Министерството за финансии информираат дека е изменета Уредбата за приватизација на градежното државно земјиште, со што за 30 пати се зголемува цената на неизграденото земјиште за колективно домување и комерцијален деловен објект, додека за стопански производни објекти таа се зголемува за 20 пати.

Па така, во скопските општини за неизградено земјиште за колективно домување и комерцијален деловен објект висината на надоместокот ќе изнесува 13.140 денари за метар квадратен, за стопански производни објекти 8.760 денари за метар квадратен, додека за објекти за спорт и рекреација 4.380 денари за метар квадратен.

Сепак, од ова министерство појаснуваат дека надоместот за приватизација на државното градежно земјиште, кое е наменето за индивидуално домување или колективно домување кое веќе е изградено, останува непроменет од 61 денари за метар квадратен.

„Уредбата се однесува на надоместокот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост што се спроведува од страна на Управата за имотно-правни работи. Станува збор за приватизација на државно земјиште само во услови каде што е стекнато корисничко право“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Предложената измена се врши поради зголемената пазарна вредност на градежното земјиште во однос на вредноста на градежното земјиште во 2005 година, кога стапи во сила Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, а пред се да им се оневозможи на правни и физички лица кои по основ на приватизација по досегашниот надомест за приватизација ги реализираа градбите за намени предвидени со актите за планирање на просторот (колективно домување, комерцијални, деловни, стопански, производни објекти и објекти наменети за спорт и рекреација) и на овој начин стекнуваа имотна корист.

„Висината на надоместот ќе зависи од тоа во кој од петте региони се наоѓа земјиштето и дали е во централно и вон централно подрачје“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.