Свет Балкан Владата на Србија им даде 48 часа на пратениците да го проучат...

Владата на Србија им даде 48 часа на пратениците да го проучат предлог-буџетот од 1.300 страници

Српското собрание денеска попладне ја почна седницата на чиј дневен ред е предлог-буџетот за 2017 година, кој, според тврдењата на владата, предвидува најнизок дифицит „во современата историја на земјата“.

Со предложениот буџет, предвидени се приходи од 1.092,9 милијарди динари (околу 8,8 милијарди евра) и расходи од 1.162 милијарди динари (околу 9,4 милијарди евра), со што дефицитот изнесува 69,1 милијарди динари (околу 562 милиони евра). Проектираната инфалција за 2017 година изнесува 2,4 отсто.

Претставниците на опозицијата на седницата изнесоа низа критики забележувајќи, меѓу другото, дека на пратениците им се оставени само 48 часа да го проучат предлог-буџетот, кој е на речиси 1.300 страници.

Министерот за финансии, Душан Вујовиќ, на ова одговори дека владата не можела да го достави предлог-буџетот во законскиот рок во собранието поради аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

На комисијата за финансии, Вујовиќ истакна дека јавните финансии се унапредени во претходните две години и дека за 2017 година е планиран економски пораст од 3 отсто. Тој оцени дека Србија е на добар пат на дојде до одржливо ниво на јавниот долг и на дефицитот и дека понатамошното штедење би било контрапродуктивно за економскиот пораст.

Претседателот на фискалниот совет, Павле Петровиќ, предупреди дека делот во предлог-буџетот кој се однесува на субвенциите за странските инвеститори не е доволно транспарентен.

Според економистот Милан Ковачевиќ, главна мана на предложениот буџет за 2017 година е тоа што премногу пари се земаат од народот за државната каса.