Економија Владата го усвои предлог-буџетот за 2018 година

Владата го усвои предлог-буџетот за 2018 година

Владата на вечерашната седница го усвои предлог-буџетот на државата за 2018 година и донесе заклучок предлогот за буџетските трошоци за наредната година да го достави на дебата и усвојување во Собранието, соопшти владината прес-служба.

На седницата е усвоен и предлог-законот за извршување на буџетот за 2018 година. На предлог на Министерството за финансии Владата го разгледала и го усвоила и документот за фискалната стратегија на државата за периодот 2018-2020 година.

Според податоците што министерот за финансии, Драган Тевдовски ги презентираше пред јавноста, граѓанските организации и пред претставниците на стопанските комори, буџетот за 2018 година тежи 3,4 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е планиран на 2,7 проценти од домашниот бруто-производ.

Најголеми реакции во јавноста и кај стручната фела предизвика планираното зголемување на акцизата за нафтата за три денари. Тевдовски го бранеше ваквото решение тврдејќи дека зголемувањето на акцизата нема да ја зголеми инфлацијата.

Министрите на вечерашната седница го усвоиле и предлог-законот за изменување на Законот за задолжителни нафтени резерви.

На седницата биле разгледани и предлог-измените на Законот за персоналниот данок на доход, според кои граѓаните веќе нема да имаат обврска да поднесуваат даночна пријава, односно тоа ќе го прави Управата за јавни приходи (УЈП), а граѓаните ќе треба само да ги потврдат или корегираат информациите во пријавата.